Треба да се работи на подигнување на свеста за безбедноста и здравјето при работа, бидејќи споредено со останатите земји сме далеку од европскиот просек, беше истакнато на денешното одбележување на 28 април, Светски ден за безбедност и здравје при работа.

Претседателот на Македонското здружение за заштита при работа, Милан Петковски, истакна дека годинава 25 лица загинале на своите работни места што споредено со минатата година има благо зголемување. Посочи дека, на секои 100.000 вработени тројца загинуваат на своето работно место.

– Мора да размислуваме за оние кои допрва доаѓаат, кои се впуштаат во пазарот на трудот и мора да направиме се што е во наша моќ за да бидеме свесни за ризиците поврзани со работното место. Во Република Македонија генерално се почитуваат светските директиви кои се поврзани со заштита на детскиот труд или елиминираме на детскиот труд, рече Петковски пред почетокот на трибината на тема „Подобрување на безбедноста на младите работници и крај на детскиот труд“ во рамки на одбележувањето на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа.

На која било од раскрсниците, на кој било од пазарите, појасни, огромен број деца се уште се работници. Според него, потребно е фокусирање на конвенциите и директивите кои декларативно се преземаат и преточуваат во законски мерки за да се дојде до ситуација да се каже дека е раскрстено со детскиот труд.

– Доколку работодавачот би имал соодветни последици тогаш би дошол во ситуација навистина да го почитува законот во онаа мерка каде веќе ќе стане превентивна култура. Ако размислувањето за последиците не го донесеме до ниво на лична одговорност, тогаш се уште ќе ги имаме овие импровизации каде бројни работодавачи компензирањето за настанатите последици го претвораат во евра или можат да го платат или неможат и нема да има поместување во овој сегмент. Мора да има индивидуална одговорност, рече Петковски.

Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, Македонското здружение за заштита при работа издаде Годишен извештај за несреќи случени на работното место. (МИА)