Спортскиот арбитражен суд во Лозана, му нареди напаѓачот на Милан, Рафаел Леао, да му плати на неговиот поранешен клуб Спортинг, 16,5 милиони евра. Казната е изречена за фактот дека во 2018 година Португалецот еднострано го раскина договорот со Спортинг.

По раскинувањето на договорот, Леао премина во Лил како слободен агент, а во 2019 година него го купи Милан за 35 милиони евра.

Првично, Спортинг бараше 45 милиони евра од 20-годишниот фудбалер, но судот му нареди да плати 16,5 милиони. Судската одлука може да биде обжалена.

За потсетување, во мај 2018 година, навивачите на Спортинг влегоа во клупската база и физички ги нападнаа играчите. Леао, како и многу други, после тоа го напушти клубот, а клубот почна да ги тужи играчите.

Клубот Спортинг бараше 45 милиони евра за „еднострано раскинување на договорот за соработка без причина“.

Од друга страна, португалскиот клуб ќе мора да му плати на Леао 40 илјади евра за мобинг (психолошко насилство, малтретирање, морален прогон). Фудбалерот бараше 100 илјади евра.