Следете не

Култура

За многу години, денес е Спасовден, ова се сите обичаи и верувања за овој голем празник, најсреќниот ден во годината

Објавено пред

на

Четириесет дена по Велигден (во четврток)

Именден празнуваат: Спасе, Спасија, Спаска…

Празникот на Христовото вознесение – Спасовден спаѓа во големите христијански празници, се празнува 40 дена по Велигден и секогаш е во четврток. Четириесет дена по воскреснувањето Исус им се јавувал на своите ученици и ги подготвувал за нивната идна активност. Во овој период луѓето сè уште се поздравуваат со христијанскиот поздрав „Христос воскресе“ (Христос воскресна) и си отпоздравуваат со „Воистину воскресе“ (Навистина воскресна).

Празникот Вознесение Христово се празнува во спомен на вознесувањето на Исус Христос на небото. Четириесеттиот ден по Воскресението Исус за последен пат им се јавил на своите ученици, ги собрал на едно место, во селото Витанија, биле единасетмината (бидејќи Јуда по предавството се обесил) и им соопштил дека сè уште не треба да одат од Ерусалим зашто наскоро врз нив ќе слезе Светиот Дух и ќе ги исполни со сила. Со таа сила вие ќе крштевате, како што свети Јован крштеваше со вода, им рекол тогаш Исус. Потоа се подигнал и облак го кренал на небото, а тој застанал до Богот Отец. На местото пак, каде што стоел останала длабнатина од неговите стапала.

Во спомен на овој настан Светата христијанска црква го востановила празникот Вознесение Христово или Вознесение Господово кој уште се вика и Спасовден, зашто се празнува денот на Спасителот на светот – Исус Христос. Иако е востановен уште во апостолски времиња, празникот на вознесението не се празнувал одделно на четириесеттиот ден по Велигден туку во Педесетницата биле слеани повеќе спомени и тука бил стопен и овој спомен. Дури во крајот на IV век тој спомен е одделен од Педестиницата, кога се празнува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, празник познат и под имињата Духовден (Дуовден) и Света Троица.

Во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука“ се зборува и за вознесението на Исус. Притоа се вели дека Исус на апостолите им се јавил жив, како што им се јавувал за време на четириесетте дена кога им зборувал за царството Божјо. „И собирајќи ги Он им заповеда: Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот, за кое сте слушале од Мене. Зашто Јован крштеваше со вода, а вие не по многу дни од денес, ќе бидете крстени со Светиот Дух“. Со ова Исус го најавил слегувањето на Светиот Дух врз апостолите како и она што подоцна ќе се случи и во кое тие ќе бидат активни учесници. „…но ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата. И штом го рече тоа, додека тие го гледаа, Он се подигна и облак Го подзеде од пред очите нивни. И додека гледаа кон небото, кога се вознесуваше Он, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во бела облека и рекоа: „Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус Кој од вас се вознесе на небото ќе дојде пак по истиот начин, како што Го видовте да оди на небото“. (Дела 1/1-11)

Овој настан се споменува и во евангелските текстови, поточно во Евенгелијата на Марко и на Лука. „А по разговорот со нив, Господ се вознесе на небо и седна од десната страна на Бога. Тие пак отидоа и проповедаа насекаде: и Господ го поткрепуваше словото нивно со чудеса, што се јавуваа. Амин.“ (Марко 16/19-20) Овој настан се споменува и во Евангелието според Лука: „И ги изведе надвор од Витанија, па кога ги подигна рацете ги благослови. И кога ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небото; тие му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост. И беа постојано во храмот, каде што го прославуваа и благословуваа Бога. Амин.“ (Лука, 24/50-53) Така, според овие сведоштва, Исус се вознесол на небото, а неговите ученици се вратиле во Ерусалим каде што го прославувале и благословувале во храмовите.

Местото од кое Исус се вознесол на небото веднаш станало култно место. Светото предание запаметило дека на тоа место долго се познавале отисоците од неговите стапала, а царицата Елена (мајката на царот Св. Константин) наредила тука да се изгради голема и убава црква којашто подоцна била урната од Сарацените.

Светиот Епифаниј, епископ Кипарски, анализирајќи ги величината и вредностите на празникот Вознесение, вели дека многу луѓе, бидејќи не ја познаваат величината на овој празник, го сметаат понизок од другите. Меѓутоа, како што е главата украс на телото, така и празникот Вознесение е украсот на сите празници, односно тоа е полнотата на сите Господови празници. Прв празник е страшното и чудесно раѓање Христово во тело. Втор е празникот Богојавление, кој има поголемо созерцание од првиот. Трет празник е Воскресението, кој се покажа пославен од претходните, затоа што беше победена смртта, но и тој ја немаше полнотата на радоста бидејќи Христос сè уште се наоѓаше на земјата. Меѓутоа, празникот Вознесение исполни се со радост, затоа што Христос, откако ги отвори небесата, ни покажа чудна глетка, т.е. нашето тело издигнато на царски престол. Следствено, вредноста на Вознесението се наоѓа во тоа дека човечкото тело, кое беше обожено преку неговото соединување со Божјата природа од личноста на Логосот, седи на царскиот престол, оддесно на Бога Отецот. Кога Исус се родил, дури и кога почнал да го проповеда своето учење луѓето не го гледале во него Спасителот. Како што беше споменато на едно место тие очекувале поинаков спасител, човек што ќе ги ослободи од ропството. Го исмевале, го клеветеле, дури и го распнале на крст како што им се правело на најголемите злосторници. Дури со неговото вознесение многу тајни се разјасниле, многумина се увериле дека тој е Спасителот на светот.

Но и светиот Атанасиј Велики осврнувајќи се на два Господови празници, т.е. на Воскресението и Вознесението, вели дека Воскресението им ја дарува на луѓето победата над смртта, а Христовото вознесение го воведува човекот на Небото и, менувајќи го човековиот начин на живот на земјата, го прави небото пристапно за него. Следствено, едно е победата над смртта, а друго е издигнувањето на човечката природа на Божјиот престол. Токму затоа и можеме да ја видиме и возвишеноста на Вознесението, или, за да се изразиме подобро, совршеноста и полнотата на Божјиот Домострој со овој настан.

Интересни се гледањата на некои свети отци поврзани со Вознесението. Така, на пример, светиот Григориј Палама вели дека Воскресението е поврзано со сите луѓе, а Вознесението е поврзано само со светителите. Тоа се вели од аспект дека со своето воскресение Христос ја победи смртта и на сите им го даде дарот на воскресението. Сите ќе воскреснат во денот на Христовото второ доаѓање, и праведници и грешници, но нема сите да се вознесат. Само праведниците, обожените, ќе се удостојат со тој голем опит.

Светиот Григорој Палама уште вели дека и пред Христа имало и вознесенија. Во Стариот завет се вели дека дух го зел пророкот Еремија, ангел го зел Авакум, повеќе од сите, пророкот Илија се вознел на огнена кола. Вознесението на сите овие било на некој начин преместување кое ги издигнало од земјата, но не ги извело од неа. Значи, никој од нив не ја надминал земната атмосфера. Исто така, оние кои воскреснале и се вратиле на земјата, по некое време пак умреле. Меѓутоа, Христос воскресна и смртта нема власт над Него, а бидејќи се вознесе на небесата, секое издигнување е пониско од Него.

Црковните песни што се исполнуваат на овој ден како и во деновите на претпразненството и попразненството се исполнети со радост и тага. Радосни се апостолите зашто до крај се исполниле зборовите на Исус. Песните што се пеат во оваа пригода содржат радост зашто Исус заминал на небото, но содржат и тага зашто апостолите и народот остануваат сирачиња без својот Господ на земјата. Во таа смисла и во тропарот посветен на овој ден се пее: „Си се вознел во слава, Христе Боже наш, и си ги израдувал учениците со ветувањето на Светиот Дух, а со благословот си ги уверил дека Ти си Син Божји, Избавителот на светот“.

Со празникот Спасовден се поврзани голем број обичаи и верувања од кои поголемиот број имаат претхристијанско потекло. Во таа смисла истражувачите на празничните обичаи и верувања истакнуваат дека времето кога се празнува Спасовден отприлика се совпаѓа со времето кога во претхристијанскиот период се празнувал празникот на божеството Спас, кое меѓу многуте божества ја имало улогата на заштитник и спасител на луѓето. Се верувало дека врховниот бог Перун од небото испраќал молњи и громови како и градоносни облаци, а божеството Спас со житен клас во раката ги спасувало посевите.

Во таа смисла е и песната „Свети Спас го обиколува полето“ во која се опева токму ваквата улога на светецот што ја наследил од старото паганско божество.

Свети Спасе зелен класе! Свети Спасе коња кове,

коња кове за полето, да си иде ју полето,

да си види берикето, арен ли е, добар ли е,

или си е како што е? Море мале, стара мале,

есеното са класуе, пролетното са никнуе.

Љутен ојде смешен дојде, свети Спасе зелен класе!

На овој ден луѓето ги посетуваат црквите што го носат името „Свети Спас“ и носат разни подароци. Некои за здравје преспиваат под иконата, а други кога ќе се разболат се ветуваат (се таксуваат) дека еден период ќе служат во црквата. Во радовишкото село Ињево, како што е забележано во некои записи, на овој ден се правел голем собор. За курбан се колел бик кој се готвел на средселото и се послужувале сите присутни. Во Гевгелиско, пак, се верувало дека Свети Спас е тежок празник и аталија, дека тој може да спаси, но и да казни. Луѓето што одгледувале свилена буба на овој ден береле шума и кога ќе дојдело времето на свилената буба да и се дава шума најпрвин ја давале шумата набрана на овој ден.

Меѓу верувањата поврзани со овој ден се и оние запишани од М. Цепенков. Имено, тој на едно место запишал дека „нефелало да се работи навечер од Велигден до Спасовден, за да биди добар бериќетот и да не биди скапија“, а на друго место во врска со баењата запишал дека водата од Кривата Воденица што се наоѓала на патот кон Магарево, најлековита била од Величетврток до Спасовден. „Од ден Величетврток ќе заватат да одат кај Кривата Воденица битолчани и од селата да се мијат од водата и да се вртат на колцето, до ден Спасоен“.

Во еден запис за црквата „Свети Спас“ во Штип се вели дека е изградена „во времето на северномакедонскиот кнез Константин во втората половина на XIV век, поточно во 1369 година“, односно дека е изградена од Димитар, војвода на Константин, а Константин во 1388 година и подарил на црквата неколку села заедно со селаните. Во овој запис уште се истакнува дека на празникот Спасовден камењата на црквата однадвор ги завивале со волнени конци. Тоа го правеле жените без деца коишто верувале дека Господ ќе ги удостои со рожба ако на празникот црквата ја замотаат со волнени конци.

Во минатото интересни обичаи поврзани со овој празник се одржувале во Голо Брдо, област со македонско население што по поделбите на Македонија останала во Албанија. Во селото Дренок на Спасовден носеле крсти (литии). Секоја куќа крстите ги пречекувала со софра на гумното. На софрата задолжително имало леб, а врз лебот каленица со пржени јајца со сирење. Лушпите од јајцата ги ставале на гранки и ги фрлале во оган „за од очи“, но и за црви да не го јадат пиперот. Поворката со крстите три пати обиколувала една смрека, каде што имало и капела, а учесниците во обредот земале од смреката по едно парче кое им служело за лек, кога некој ќе се разболел го каделе со тоа дрво. На Спасовден литии носеле и во селото Стеблево. На секоја нива крстите ги чекал домаќинот, а попот пеел молитви. Во секој дом пак, имало поставена трпеза. Тоа го правеле и христијаните и муслиманите. Кај местото Чукнитопан поворката одмарала, а тука се играло и оро. Местото така го викале бидејќи некогаш тука имало стража која со удирање во тапан давала знак дека патот низ Дервен (над Јабланица), што водел од Голо Брдо кон Струга е слободен.

Кога станува збор за празникот Спасовден и народните обичаи и верувања поврзани со него, интересно е празнувањето на четвртоците од Велигден до Спасовден што се викаат Велики четвртоци. Тогаш не се работи особено не се прега јарем, за град да не го уништува полето. Ова верување е остаток од претхристијанскиот период кога кај Словените четвртокот бил ден посветен на врховното божество громовникот Перун и бил нарекуван Перунов ден. Овие пагански верувања црквата настојувала да ги искорени и преку свештениците постојано му укажувала на народот. Така на пр. Кирил Пејчиновиќ во своето дело „Огледало“ на овој проблем му посветил поголемо внимание. „Во едно село видох поп ореше во четврток, а прости сиромаси христијани некнижни отидоа да му строшат ралото и го учат попотого, му велат: „Денеска ли најде да работиш, поп чоек и книга знаеш!“ И попот им вели това: „Дека знам книга, знам зошто не се држит денес. Ем сом прашал духовници, сом прашал и владика, ми рекле: четвртоци не се држат, ни петоци, салт недели и други велики празници.„ Они му велат: „Кога така, от сега не слушамо никого, ни духовник, ни владици, салт што сме нашле ќе држимо. Кога ќе ни утепат град, попови што ќе ни поможат после и владици? И ти попе ако држиш ка што држимо мије, ако ли не, а ти стани од селово, мије таков поп неќемо.“ Пак попот виде не виде стори се каил да држит како ќе го учат мирјаните. Со све знаеќи, се стори ка да не знае, со све очи се стори како слеп, отиде не слеп по слепого, туку окат по слепого, помниште ради суетнаго века сего. Олеле безумие! Олеле безверие! Олеле безстрашие!“

И јеромонахот Јосиф од Кичевскиот манастир Пречиста во една беседа кажувана во цветоносната недела против некои суеверија што фатиле корен меѓу народот, ги споменува и величетвртоците чие држење како празник, исто така, го нарекува суеверие. Во ова беседа објавена во цариградскиот весник „Новини“ во 1893 година се вели: „А за празниците Господски од неделите башка сме разбрали оти појќето рисјани не прашуат попот, али некој книжоен црковник, да им кажет кои сет за држење кои не, туку сами по свое знаење си наредиле и свои празници: Летник (1-иј март), Чуруци (Св. м-ци Кирик и Јулита). Седум величетвртоци по Велигден за град да не биел по бериќетот, Прокопија, за да не се прокопат седбите…“ Итн.

Очигледно е дека празникот Вознесение Христово – Спасовден е голем празник кој има значајно место во животот на нашите православни христијани. Но очигледно е дека во народните верувања поврзани со овој период од годината среќаваме остатоци од претхристијанско време, многу суеверие кое се одржало до денес и покрај настојувањето на црквата да го искорени. Сепак, дури во најново време овие суеверија исчезнуват со забрзано темпо зашто „наглавата урбанизација ги корне древните обичаи посилно од секаква проповед.“

Тропар

Вознесение Христово

(Спасовден)

Си се вознел во слава, Христе Боже наш, и си ги зарадувал учениците со ветувањето на Светиот Дух, а со благословот си ги уверил дека Ти си Син Божји, Избавителот на светот.

Спасовден во Битуше

Празникот Спасовден секогаш се слави четириесет дена по Велигден. Датумот го менува, како и Велигден, но денот не. Секогаш се празнува во четврток.

На Спасовден за последен пат во тековната година се вапцуваат црвени велигденски јајца, а бојата од котлињата или тенџерињата во кои изминатите 40 дена се вапцувале велигденските јајца се истура во чиста вода во селската река. Котлето или котлињата се измиваат и се оставаат на сигурно место, до идната година на величетврток.

Во претпладневните часови на Спасовден се оди на празничен излет во месноста Покладишќа, каде што сега е изграден мошне убав црковен храм „Св. Спас“. Се носат црвени велигденски јајца нешто за пиење и јадење, се посетуваат лековитите изворчиња и чешмичиња, при што во водата за здравје се фрлаат метални парички. Овде се кршат и јадат последните црвени велигденски јајца.

По убаво поминатиот претпладневен излет на враќање за дома се кинат билки и се кршат гранчиња со штотуку формирани оревчиња. Потоа се оди на пладневна литургија во селската црква, каде што пред иконостасот се остават ореовите гранчиња, симболично означувајќи го формирањето на плодовите на родните дрвја.

Вечерта се оди на ракија во куќите во кои има крстено име Спасе.

Од книгата „Битуше, празници, традиции, верувања“, 2006.

Спасовден во Вевчани

Спасовден (Вознесение Христово) – овој пролетен празник во Вевчани се слави три пати во годината и тоа како пролетен, есенски и зимен празник. Во сите тие денови обичај е да се оди во манастирот Св. Спас (Горни). Таму се ноќева, се принесуваат дарови кои потоа се лицитираат и продаваат како приход за манастирот. Свети Спас се смета како заштитник на селото можеби затоа луѓето вовеле уште два празнични денови за него. Зимскиот празник е воспоставен заради печалбарите, а есенскиот за здравје на добитокот. Тоа се случило многу одамна кога во селото настанал помор на добитокот. Заради неговата заштитничка моќ, култот кон овој светец се проширил и кај другите жители од околните населби, особено во селото Велешта кое е од исламска вероисповед. А еве како се случило тоа:

Во селото Велешата пцовисувале кравите. Некој велештанец си работел на нивата ноќе. Одеднаш забележал како се дигнал син пламен од над Велешта и се упатил над полето вевчанско. Тогаш одозгора од кај планината над Вевчани му се пуштил црвен пламен. И тие двата се тепале, се тепале како петли кога се бијат. Тогаш синиот пламен паднал на земјата, а црвениот се вратил назад кон планината.

Утредента уште рано во Вевчани дошол човекот кој го видел тоа и им го раскажал на Вевчанци. А тие го прашале: „Веруваш ли ти во тоа?“ „Зошто да не верувам, рекол тој, кога јас го гледав цело време“. „Е, ако уште не ти пцовисале кравите твои да ги донесеш во Вевчани“, му рекле луѓето. Човекот го сторил тоа и така си ги спасил кравите.

Ете заради тоа почнале да го празнуваат овој ден Вевчанци, а култот кон Св. Спас го профатиле и другите.

Од книгата „Светилиштата во Вевчани“ од Анастас Ќушкоски, Струга 2002.

Филм

Вечерва за прв пат во НЦУК „Кочо Рацин“ – Кичево, анимираниот детски филм „Смрдушковци“

Објавено пред

на

Денес со почеток од 18:00 часот во големата сала на НЦУК „Кочо Рацин“ – Кичево, ќе се реализира премиера на детскиот анимиран филм „Смрдушковци“. Популарниот филм достапен преку „Катавеј ДООЕЛ“ кој е во режија на Тоби Генкел и трае 85 минути, веќе се емитува низ градовите, а вечерва ќе биде за прв пат претставен и пред кичевската публика.

Имено, се работи за потрага по својот нов дом, Смрдушковците пристигнуваат во прекрасното, мало и мирно село Смрдвил. Но, за жал Смрдвил има огромен проблем, во близина има локална депонија која предизвикува секакви проблеми и го уништува прекрасниот Смрдвил. Нешто мора да се превземе! Макс, синот на градоначалникот, е млад талент кој тајно мечтае да го реши смрдливиот проблем со една луда машина, која ја изработува заедно со професорот Пенливски и неговата внука Лота. Кога Макс се сретнува со Смрдливците на депонијата, веднаш станува јасно дека тие се решението за проблемот, затоа што јадат ѓубре! А за Смрдливците, депонијата значи дека конечно нашле вистински дом. Сè би било во ред ако не беа плановите на сопругата на градоначалникот и бескрупулозниот градежен изведувач Чекановски кои сакаат на депонијата да градат велнес центар! Смрдливчињата сега треба да го спасат својот нов дом заедно со пријателите Макс и Лота.

Кога сме кај билетите, истите можат да се купат во Центарот за култура „Кочо Рацин“ два часа пред емитување на филмот, нивната цена е симболична 100 денари.

Возрасна категорија: За цела публика

Фејсбук настан: ТУКА

Бидете дел.

Прочитај повеќе...

Култура

Денеска е голем празник „Цветници“, за многу години да е!

Објавено пред

на

Празникот е познат и по последото влегување на Исус во Ерусалим, додека именден слават Цветан, Цвета…

Овој празник е подвижен празник. Зависи од тоа во кој ден ќе падне Велигден. Се слави секогаш во неделата пред Велигден, затоа што тоа е денот кога го доживуваме Христовото славно влегување во Ерусалим, градот во кој по неколку дена Христос ќе биде погубен. Кога Христос влегуваше во Ерусалим, луѓето го пречекуваа со извици, постилајќи ги облеките пред неговите нозе и засипувајќи го патот со масли­нови гранчиња пречекувајќи го како цар на мирот небесен. Во таа смисла и празникот е наречен Цветници.

Празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица секогаш е една недела пред Велигден и се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери со цвеќе и врбови гранки, како и со својата облека му го постилале патот.

Ваквиот пречек на Исус во Ерусалим бил последица од неговата голема популарност меѓу народот уште повеќе зголемена по воскреснувањето на Лазара. Се поставува прашањето, зошто Исус во Ерусалим влегол качен на магаре? Толкувачите на Светото Писмо истакнуваат дека кај источните народи магарето било симбол на мирот наспроти коњите што служеле за водење војни. Магарето мирно му служело на човекот како што и Исус му служел на народот. Пречекувајќи го Исуса воодушевениот народ со цвеќе, врбови гранки но и со својата облека го постилал патот

Маслинката е и знак на нашето соединување со Исус. Со искреното одење со Исус може тој знак на мирот и надежта да стане појдовна точка за подобар свет. Додека во црквата и во славењето го имитираме она што некогаш се случило во Ерусалим, да го сфатиме тоа и како опомена да не излеземе од поворката која го следи Исуса. Затоа што упорно и верно одејќи по Него ќе бидеме доволно храбри и силни во себе да ги изградиме основите за вистинскиот мир.

Во спомен на ова свечено влегување на Исус во Ерусалим уште од најраните христијански времиња е востановен празникот Цветници кој, меѓутоа, се празнува од III век. На иконата овој чин е насликан како Исус јава на магаре, а неговите ученици и народот му го постилаат патот со цвеќе и облека.

Прочитај повеќе...

Култура

Денеска е Лазарева сабота, додека утре е „Цветници“

Објавено пред

на

Денеска е Лазарева сабота, еден од поголемите христијански празници од пролетниот циклус. Лазарова сабота е променлив празник и секогаш се паѓа еден ден пред Цветници, кои се точно една недела пред најголемиот празник Велигден.

На овој ден се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар извршено од Исус Христос. Овој настан бил на шест дена пред предавството и убиството на Христос на Голгота. На Лазарева сабота обичај е да се носат гранчиња од врба што симболично претставува свечено Христово влегување во Ерусалим, каде што го пречекале следбениците.

На овој ден обично се оди на река и се вели: Колку далеку го фрлив овој камен, толку подалеку да биде змијата од мене! Дента се бере цвеќе, но не се внесува дома, туку важно е да се остави во дворот. Потоа со цвеќето се кити домот, а со водата каде стоело се замиваат домашните.

Во Македонија групи девојчиња – Лазарки, облечени како невести одат и пеат лазаревски песни, како обичај за големиот празник.

Лазарова сабота

„Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението: да ги отфрлиме сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на Светлината. Да одиме чесно како дење“ (2 Кор. 6, 2) – зашто ни се приближува сеќавањето на спасоносните Христови страдања, се приближува нова, голема и духовна Пасха, награда за бестрастието (палмовото гранче), почетокот на идниот век. Тоа го најави Лазар, кога излезе од оние кои се скриени во пеколот; по заповедта на Божјиот Син, Кој има власт над животот и смртта, оној кој четири дена беше во гробот, стана од мртвите. Кога било извршено чудото над Лазар, и кога Христос јасно истакнал дека Тој е Бог, народот го прифатил тоа и поверувал, додека некои кнезови, односно книжници и фарисеи, биле далеку од верата, па неразумно смислувале лоши работи против Него и со своето безумие сакале да Ги убијат Оној, Кој преку тоа што го рекол и направил се претставил како Господар на животот и смртта. Овие зборови, иако заради народот изговорени во вид на молитва, не биле молитвени зборови, туку зборови на власт: „Лазар, излези надвор!“ – и Лазар веднаш, иако четири дена мртов, застанал жив пред Него; зарем не биле едно заповедта и молитвата на Животодавецот? Тој викнал со силен глас, и тоа заради присутните, бидејќи можел не само тивко, туку и само со волјата да воскресне, и тоа оддалеку, додека каменот с? уште лежел над гробот. Тој, пак, му се доближил на гробот и им рекол на присутните да го тргнат каменот, а овие го почувствувале непријатниот мирис на распаѓањето и тогаш Тој со силен глас му се обратил на Лазар, го повикал кај Себе, и токму тогаш го воскреснал. И сето тоа, за тие да видат со сопствени очи, бидејќи биле крај гробот, со сопствениот нос да ја почувствуваат смрдеата на мртвото тело кое четири дена било во гробот, и со сопствениот допир да почувствуваат – затоа што со своите раце го допреле каменот кога го отстранувале од гробот, потоа плаштаницата и убрусот на главата кога го одвивале, како и лично да го чујат Господовиот глас, кој допрел до ушите на сите присутни. Значи, преку сето тоа, тие поверувале дека Тој е Оној Кој „го повикува непостоечкото кон постоечко“, Кој се носи со силата на Своите зборови и Кој на почетокот со еден Свој збор се доведе од небитие во битие. Свети Григориј Палама.

Веднаш по Лазарова сабота е празникот Цветници. Познат уште и како Цветоносна недела и Врбица, секогаш е една недела пред Велигден и се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери со цвеќе и врбови гранчиња, како и со својата облека, му го постилале патот.

Неделата, една седмица пред Велигден е празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица, што се празнува во спомен на влегувањето на Исус во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери кршеле цвеќе од дрвјата и врбови гранки и со нив, како и со својата облека му го постилале патот по кој минувал. Саботата пред Цветници се вика Лазарева Сабота или Лазарица, односно Лазара. Според преданието, во саботата умрел Лазар од Витанија, а во неделата Исус го воскреснал. Поради тоа во народот неделата се смета за поголем празник од саботата.

Според тогашните закони учител можело да биде само лице што наполнило триесет години. Исус веќе четврта година го проповедал своето учење, а бидејќи за Пасха мноштво народ доаѓал во Ерусалим за да го прослави празникот и Исус по четврти пат доаѓал како учител.

Но тогаш разбрал дека неговиот пријател Лазар од Витанија е тешко болен. Исус веднаш се упатил таму, но стигнал четири дена по неговата смрт и по погребот. Сестрите на Лазар, Марта и Марија, го прекориле Исуса велејќи му дека ако дојдел на време немало Лазар да умре. Марта му рекла: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми. Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде“.

Легендата вели дека Бог сакал Лазар да умре за врз него да се манифестира силата Божја. Кога дошол до гробот, Исус го повикал Лазара: „Лазаре, излези надвор“. И Лазар веднаш излегол завиткан со платно на рацете и нозете и со крпа околу лицето. Сите што го виделе тоа се почудиле и поверувале дека Исус е синот Божји. Со овој чин Исус уште повеќе се здобил со слава. И пак се упатил кон Ерусалим.

Кога стигнал во подножјето на Маслиновата гора, Исус пратил двајца свои ученици во Витфагија за да му донесат осле (магаре) и ослица. Им рекол: „Одете во селоно, што е наспроти вас и веднаш ќе најдете врзана ослица и осле со неа; одврзете ги и доведете ми ги. А ако ви рече некој нешто, ќе му кажете дека му се потребни на Господа и веднаш ќе ги прати“.

Учениците ги донесле, а потоа ги ставиле на ослето своите облеки врз кои седнал Исус и така влегол во Ерусалим поздравен од мноштво народ. Ваквиот пречек на Исус во Ерусалим бил последица од неговата голема популарност меѓу народот уште повеќе зголемена по воскреснувањето на Лазара. Се поставува прашањето, зошто Исус во Ерусалим влегол качен на магаре?

Толкувачите на Светото Писмо истакнуваат дека кај источните народи магарето било симбол на мирот, наспроти коњите што служеле за водење војни. Магарето мирно му служело на човекот, како што и Исус му служел на народот. Пречекувајќи го Исуса воодушевениот народ со цвеќе, врбови гранки, но и со својата облека го постилал патот и пеел: „Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на вистините“.

Во спомен на ова свечено влегување на Исус во Ерусалим уште од најраните христијански времиња е востановен празникот Цветници кој, меѓутоа, се празнува од III век. На иконата овој чин е насликан како Исус јава на магаре, а неговите ученици и народот му го постилаат патот со цвеќе и облека.

Инаку по повод празникот на „Лазаревото Воскресение“ (Лазарева Сабота) во нашиот град Кичево ќе се одржи свечена поворка за објава на Лазаревото Воскресение, а воедно и подготовка за претстојните празници на Влегувањето Христово во Ерусалим (Цветници) и најголемиот христијански празник на Воскресението Христово (Пасха).

Свечената Литија ќе започне од градскиот плоштад, во 11:00ч. и ќе се движи преку Булеварот „Ослободување“, до храмот на светите апостоли „Петар и Павле“, проследена од псалти, музичари на традиционални музички инструменти и верниот народ.

Ве покануваме сите кои сакаат да земат учество да се вклучат да ја возобновиме оваа древна традиција на радост заради Воскресението Лазарево и нетрпеливо очекување на Христовото Воскресение свечено носејќи врбови гранчиња испратени со традиционални пенија, т.н. каланди.

Датум: 27.04.2024г.
Почеток: 11:00ч на градскиот плоштад во Кичево.

Ве очекуваме низ дружба и песна да го прославиме овој серадосен настан!

Прочитај повеќе...

Facebook

Последни објави

Магазин30 минути

На децата не треба да им се дозволуваат паметни телефони во рака пред да наполнат 13 години, се вели во експертски извештај на францускиот претседател Макрон

На децата не треба да им се дозволува да користат паметни телефони пред да наполнат 13 години и треба да...

Македонија3 часа

СВР Охрид: Презема мерки за наоѓање на сторители, кои по телефон вознемирувале граѓани за случени сообраќајки на нивни блиски

СВР Охрид презема мерки за пронаоѓање на лица кои деновиве, преку телефонски јавувања кај граѓани од Охрид, лажно претставувајќи се,...

Македонија6 часа

Денес е 1-ви мај, меѓународен ден на трудот, некои велат ден произлезен од традициите на работничкото движење

1-ви мај е меѓународен празник кој се слави ширум светот. Во многу земји се поистоветува со денот на трудот кој...

Хороскоп19 часа

Месечен Хороскоп (Мај 2024)

ОВЕН Драги Овни, пред вас е еден месец во кој првенствено ќе се фокусирате на финансиите. Ќе имате поголеми трошоци,...

Поезија19 часа

Во пресрет на најголемиот празник „Велигден“, стихови на кичевчанката Наумоска за Господовите страданија на патот на болката во страсната седмица

Во пресрет на најголемиот христијански празник „Велигден“, нашата кичевчанка Наташа Наумоска повторно споделува со вас две стохозбирки со духовна содржина:...

Македонија1 ден

Грк понудил поткуп на „Табановце“ па експресно бил лишен од слобода

На 29.04.2024 во 12.40 часот на Граничен премин Табановце, полициски службеници го лишиле од слобода Д.К.(49) од Република Грција, поради...

Автомобили1 ден

Расте продажбата на електрични автомобили, но нема каде да се полнат

Продажбата на електрични автомобили во ЕУ пораснала три пати побрзо од инсталирањето на полначи меѓу 2017 и 2023 година, покажува...

Магазин1 ден

Фантастични резултати на Samsung во првиот квартал

Samsung Electronics, најголемиот светски производител на мемориски чипови, објави дека оперативниот профит скокнал за 932,8% во првиот квартал. Аналитичарите на...

Магазин1 ден

Доаѓаат реклами на стартното мени на Windows 11

Мicrosoft ја истражува идејата за поставување реклами во вашето мени за почеток на Windows 11. Да бидеме конкретни, сака да...

Хороскоп2 дена

Хороскоп за вторник (30 април)

ОВЕН Обидете се да ги контролирате своите емоции, особено ако веќе не сте сигурни како се чувствувате за поединци. Штом...

НАЈЧИТАНИ